Филип Миркуловски: Ова е недела за дефинирање на финесите

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска го имаше собирот и веднаш стартува со ангажманот во ЕХФ-неделата. Ракометарите се појавија на собирот, а еден од поискусните Филип Миркуловски имаше свои коментари во однос на она што се очекува од следните неколку дена.

„Со Раул имавме четири натпревари, но немавме многу тренинзи. Затоа, овие тренинзи ќе ги искористиме за да навлеземе во суштината на тактиката на Раул за да може да ни биде полесно. Можеби вака кога нема да имаме контролни средби ќе ни биде полесно. Нема да патуваме и ќе бидеме постојано во Скопје. Атмосферата ќе биде секако одлична, а ова ќе го искористиме за уште поголемо кревање на нивото. Мислам дека вака ќе можеме максимално да се подготвиме“, коментираше Миркуловски.

Во периодот којшто следува ќе треба да се внесат и некои новитети во играта.

„Ни остануваат некои финеси коишто ќе треба да ги дефинираме во следниот период. Оваа недела ќе ја искористиме токму во тој дел. Ова ќе биде недела во која ќе можеме да го одработиме сето она што го има замислено селекторот и очекувам да бидеме уште подобри“, изјави Миркуловски.