Уште една вардарка си најде клуб: Кликовац продолжува во Унгарија

Ракометарката која во последните шест години беше една од главните во дефанзивата на Вардар, Андреа Кликовац си најде клуб во кој ќе ја продолжи кариерата. Таа се сели во Унгарија каде што веќе има потпишан договор.

Новиот клуб на Кликовац ќе биде Кишварда, а таму ќе работи со тренерот од Црна Гора, Влатко Ѓоновиќ, на чие барање и доаѓа во овој клуб кој ќе биде шанса за да ја задржи формата во која што играше во минатите години и да го зачува и репрезентативниот статус во својата земја.

Кликовац играше за Вардар од 2012 година, а дојде до екипата на Жито Прилеп. Таа дојде во Македонија од тимот на Бисери (втор тим на Будуќност) во 2011 година и една сезона мина во редовите на клубот од Прилеп. Потоа се пресели во Вардар и шест години успешно ги бранеше боите на шампионот на Македонија.

Според информациите од Црна Гора таа имала понуда и од Будуќност, но не била задоволна од финансиските услови, па затоа одлучила да се пресели во Кишварда каде што се очекува да добие поголема шанса и во нападот.