Унгарците го „селат“ Карачиќ во ПИК Сегед

По завршувањето на Европското првенство во Хрватска, повторно земаа замав шпекулациите за трансфери на ракометарите на Вардар. Кој доаѓа, а кој си оди, нема да дознаеме се додека нема официјална потврда од клубовите.

Таква досега има за тренерот Раул Гонзалес, кој се сели во ПСЖ, Мијајло Марсениќ оди во Фуксе Берлин, Лука Циндриќ оди во Киелце, Илија Абутовиќ ќе игра за Рајн Некар Левен, додека Арпар Штербик е старо нов голман на Веспрем.

Од шпекулациите најновата е објавена во унгарските медиуми, а таа вели дека ПИК Сегед го посакува плејмејкерот Игор Карачиќ. Тој има договор со Вардар до следното лето, и неодамна најави дека ќе го одработи до крај.

„Мојот договор со Вардар важи до крајот на следната сезона. До летото во 2019 година сум во Вардар. Сигурно ќе го одработам до крај. Потоа не знам. Ќе видиме што ќе се случува. Во моментов сè е во магла. Останува да видиме што ќе биде. После оваа сезона ќе имаме многу промени во играчкиот кадар. Многу ќе си заминат, но очекувам и да дојдат неколку засилувања.“  изјави Карачиќ.

Унгарскиот вицепрвак на плејмејкерската позиција во моментов ги има Дмитри Житњиков и Стас Скубе, па ќе видиме во следниот период дали и колку ќе бидат упорни во намерата да го донесат Карачиќ ова лето или станува збор само за медиумска шпекулација.