Унгарскиот клуб најде замена за Врањеш: Давид Дејвис ќе го враќа Веспрем во колосек

Тренерот кој му беше неколку години помошник на Раул Гонзалес, а во еден период го водеше и женскиот тим на Вардар, Давид Дејвис од денеска е нов стратег на Веспрем и го презема водењето на клубот за кој годинава игра Арпад Штербик.

После отказот за Врањеш, Дејвис беше еден од првите тренери кои беа споменувани за клупата на Веспрем, но се чекаше многу до неговото назначување. Клубот веќе беше промовираше новиот тренер, а привремената замена Иштван Гулјаш доби нова позиција и сега е назначен за спортски директор.

Дејвис потпиша договор на една година со можност за продолжување на уште една. Нема информација дали ова значи дека го напушта кормилото на Египет каде е селектор само неколку месеци.

Новиот тренер на Веспрем своите први тренерски чекори ги имаше во Вардар. Дојде на барање на Раул Гонзалес и беше негов помошник. Го следеше сите овие години и учествуваше во сите успеси на Вардар под водство на Раул. Во сезоната 2016/2017 седна и на клупата на женската екипа каде беше тренер извесен период.

На крајот од минатата сезона после заминувањето на Раул и тој го напушти клубот и се одлучи за понудата на Египет. Инаку, во меѓувреме беше и помошник на Кокшаров во репрезентацијата на Русија.

Фото: telekomveszprem.hu