Украинец ќе го брани голот на Бутел Скопје

Новиот клуб во Супер машката лига, Бутел Скопје ангажираше уште еден ракометар, а овој пат се работи за голман кој доаѓа од Украина. После десниот бек од Србија ова е третиот интернационалец ангажиран од страна на тимот кој влегува со големи амбиции во првата сезона меѓу суперлигашите.

Бутел Скопје го ангажираше Богдан Панченко, ракометар кој има 32 години и солидно искуство од настапите во првенството на Украина.

Панченко доаѓа од екипата на Портовик, а во својата кариера има настапи и во Челинџ купот и тоа во дресот на Динамо Полтава.

Со ова засилување Бутел Скопје практично има цела нова постава бидејќи досега веќе ги ангажираше Мирко Мајиќ, Златко Мојсоски, Јовица Младеновски, Бојан Спасовски и Милан Жегарац.