Тјери Омејер за 24 Ракомет: Лани Вардар ја однесе титулата за неколку секунди, сега… (ВИДЕО)

Голманот на ПСЖ, Тјери Омејер исто како и Арпад Штербик е на ракометната сцена повеќе од две децении, а двајцата со своите тимови се редовно во трка за освојување на титулата во секое од натпреварувањата во кои играат.

Пред утрешните полуфинални дуели Омејер верува во добар резултат и очекува конечно со тимот на ПСЖ да се радува на титулата, а не може да го заборави минатогодишното финале.

„Лани на останавме без титулата за само неколку секунди. Еден удар пресуди кој ќе дојде до титулата и секако годинава сакаме да го надоместиме пропуштеното. Сега е нова сезона и нов фајнл-фор, па очекуваме да биде подобро. Знаеме дека нема лесни ривали и дека Вардар и годинава го има истиот играчки кадар со само мали измени. Се виде и во групната фаза каде го освои првото место, а тоа е доказ за квалитетот“, коментираше пред камерата на 24 Ракомет ТВ, легендата на голот на ПСЖ, Тјери Омејер.

ПСЖ во полуфиналето ќе игра против тимот на Нант, но Омејер не сака опуштање пред ваквите средби и знае дека нема да биде лесно да се дојде до финалето.

„Ќе биде тешко бидејќи имаме квалитетни ривали, но веруваме дека можеме да постигнеме добар резултат. Дојдени сме во Келн за да победиме, но ќе биде тешко. Секој тим кој е тука има свој квалитет и нема да има лесен натпревар“, изјави Омејер за 24 Ракомет ТВ.

Комплетната изјава можете да ја проследите во видеото во продолжение.