Тројца Македонци ќе ги „учат“ Финците на ракомет

Двајцата ракометари на прволигашот Куманово, Андреј Миладиновски и Влатко Тасевски, ќе му се придружат на Давид Кузмановски, кој ја помина пролетната полусезона во финскиот шампионат во дресот на Паргас ИФ.

Се работи за амбициозен тим, кој минатата сезона се бореше за опстанок, но за претстојната сезона го ангажираше познатиот тренер Борис Дворшек, кој освојуваше титули во Хрватска со тимот на Загреб, а последната сезона ја мина во Италија.

Сите тројца потпишаа едногодишни договори, со можност да се продолжат на уште една година. Левото крило Миладиновски досега има настапувано само за Куманово, каде беше најдобар играч и стрелец, додека Тасевски има интернационално искуство во Грција, а има настапувано и за Работник.

Кузмановски е 24-годишен лев бек, кој добро се снаоѓа и на плејмејкерската позиција и веќе помина една полусезона во дресот на ПИФ, па ќе им биде од голема помош на Миладиновски и Тасевски во адаптацијата.

Фото: kumanovskimuabeti.mk