Трилер меч во Париз: ПСЖ и Раул се спасуваа против Фленсбург

Тимот на ПСЖ предводен од македонскиот селектор Раул Гонзалес ја продолжи победничката низа во Лигата на шампионите, откако славеше и во седмиот натпревар од групната фаза против Фленсбург со минимални 29-28.

Гостите диктираа темпо во првиот дел и најчесто беа во предност со еден до три гола разлика, а на пауза заминаа со водство, 12-15. Најинтересното се случуваше во второто полувреме. Откако Фленсбург се одлепи на 22-25 во 45. минута, на сцена стапија Хансен и Генсхајмер.

Тие донесоа пресврт и предност за ПСЖ со 26-25, но германскиот тим не се откажа и преку Јоханесен на две минути до крајот дојде до 27-28. Ремили стрелаше за 28-28, а Јепсон промаши на спротивната страна.

Раул побара тајм-аут во последната минута, го извади голманот Омејер и последниот напад го играше со „седум на шест“. Генсхајмер реализираше на девет секунди до крајот за 29-28 и голема победа на ПСЖ. Германецот беше стрелец на осум голови во победата на Французите, а Ремили даде шест, додека кај Фленсбург, Јепсон реализираше девет пати.