Трилер меч во Купот на Унгарија: Веспрем со гол од пенал го победи ПИК Сегед (ВИДЕО)

По поразот во финалето на СЕХА Лигата, ракометарите на Веспрем најдоа утеха во Купот на Унгарија. Избраниците на Чави Сабате ја освоија 26-тата титула, откако во неизвесното финале минимално го победија Пик Сегед со 23:22.

Иако Веспрем имаше убедлива предност на полувремето со 4 разлика, 13:9, сепак, противникот успеа да се врати благодарение на одличниот шпански голман Сиера кој блескаше во вториот дел. Балог израмни на 4 секунди до крајот на 22:22 и на повидок беше реприза од лани кога имаше пенали.

Но на 2 секунди до крајот, Матеј Габер направи непотребен фаул на средината на теренот, доби црвен картон, по што беше досуден седмерец за Веспрем. Сигурен пеналџија беше Арон Палмарсон, кој погоди за голема радост на неговите соиграчи. Најефикасен ракометар кај ПИК Сегед беше Жолт Балог со 8 голови, додека Гаспер Маргуч од Веспрем постигна 7.