Трампа на Вардар и Пик Сегед: Македа се сели во Унгарија, Горбок се враќа во Скопје?

Низата информации за новите средини на неколкумина ракометари од шампионскиот тим на Вардар ги заокружува веста за трансфер на Хорхе Македа во Пик Сегед. Искусниот шпански интернационалец е блиску до договор со составот на Хуан Карлос Пастор и вгодина ќе го носи дресот на унгарскиот вицервак.

Македа треба да пристигне на местото на хрватскиот интернационалец Денис Бунтиќ кој го напушта Сегед ова лето, а деталите за евентуалниот трансфер треба да се дефинираат до декември.

Постои можност и еден ракометар од Сегед да пристигне во Скопје. Левиот бек Сергеј Горбок има голема веројатност повторно да се врати во Скопје откако пред две сезони замина од Македонија. Белорускиот интернационалец кој настапува за репрезентацијата на Русија го носеше „црвено-црниот“ дрес две сезони, а неговото семејство остана да живее во Скопје. Токму тоа би била и најголемата причина за враќање на искусниот бек. Тој ќе ја пополни празнината која ќе ја остави заминувањето на Лука Циндриќ. Наредната сезона Канелјас ќе има поголема одговорност и ќе се пресели на централната бековска позиција, а Горбок треба да биде поддршка за младиот црногорски интернационалец Вуко Борозан на левата бековска позиција.

Македа беше во преговори со неколку германски клубови, но понудата од Унгарија е најинтересна за шпанскиот десен бек. Трансферот на Македа е се поизвесен, но пристигнувањето на Горбок во Скопје се уште е под знак прашалник. За сега е сигурно дека клубот ќе го напуштат Штербик, Македа, Абутовиќ, Марсениќ и Циндриќ, а новите имиња во „црвено-црниот“ дрес официјално ќе ги дознаеме на пролет.