Традицијата е срушена: Четврта круна за Вардар и реванш за 2013 година

Ракометарите на Вардар успеаја да ја надминат традицијата на фајнл-фор дуелите против Загреб и да го симнат проклетството коешто важеше на претходните шест меча. Вардар имаше четири победи над Загреб, но и два порази во дуелите за пласман, па ова е прв триумф против овој ривал во неделните мечеви на Ф4-турнирите во СЕХА.

300x250

Вардарци денеска победија со 26:24 и на тој начин дојдоа до четвртата круна во СЕХА лигата во седум години од постоењето на ова натпреварување така што со ова само се подобрува рекордот кој и досега беше во сопственост на „црвено-црните“. Ова беше и 19. победа во 20. меч сезонава така што Вардар е клубот кој прв стигна до ваква бројка и кој ја реши сезоната со најголем број на триумфи.

Вардар имаше убав почеток на средбата. Тргна сигурно во нападот и брзо успеа да се избори за предност која гарантираше мирно продолжение на натпреварот. Брзо беше скршен отпорот на Загреб и беа обезбедени четири гола позитива.

Претходно во 10. минута водството изнесуваше 5:2, а пет минути подоцна дојдоа највисоките во првиот дел од мечот четири гола разлика и 7:3. Оваа позитива стоеше во следните седум минути, а имаше по четири гола и на двете страни.

Вардарци водеа со 11:7 и ова делуваше како резултат кој гарантира меч во кој нема да има поголеми проблеми. Сè  до тој момент функционираше и одбраната и ракометарите одработуваа според планот на Раул.

Сепак, она што беше обезбедено за 22 минути игра го снема во следните осум откако тимот на Загреб успеа да се консолидира, па за осум минути прими гола, а постигна шест и успеа да се врати во игра. На одмор беше 14:13 за Вардар што беше резултат кој не се најавуваше после доминантното отворање на средбата од страна на Вардар.

Затоа, пак, овој резултат беше најава за возбудливо второ полувреме.

Уште од почетокот на вторите 30 минути се виде мотивирана игра особено од ракометарите на Загреб. Тие играа трпеливо во нападот и умешно наоѓаа простор кон голот на Вардар. Наоѓаа начин како да го совладаат Штербик, а тоа ги оставаше во игра на овој дуел.

Вардар постојано беше во предност и не дозволуваше Загреб да ја преземе контролата на играта, но не можеше да ја врати најголемата позитива која сигурно ќе го скршеше противникот.

Шоуто почна на средината на второто полувреме. При резултат 19:19, Вардар загуби топка, но Хорват брзоплето реагираше и Циндриќ успеа да пресече и самиот да дојде до шанса за шут. Веќе во следниот напад Дибиров казни од контра, па брзо Вардар имаше плус два и 21:19.

Најголемата предност создадена уште во првото полувреме беше достигната во 53. при 24:20, а во истата минута откако Македа пресече топка, Дибиров донесе 25:20 така што беше јасно дека Вардар на овој дуел ја руши традицијата на финалните дуели против Загреб и доаѓа до титулата по четвртипат.

Тука веќе почна и славењето на трибините во СЦ „Јане Сандански“ и до крајот беше прашање само на разликата со која ќе се победи на овој меч. Конечните 26:24 ќе бидат само за статистика и ќе бидат заведени како резултат од финалето, а ќе се памети триумфот со кој Вардар уште еднаш докажа дека годинава ја имаше најдобрата игра во СЕХА-лигата.

ВАРДАР – ЗАГРЕБ           26:24 (14:13)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 4500. Судии: Петер Бруновски и Владимир Чанда од Словачка. Делегати: Сергеј Кот од Белорусија и Марјан Начевски од Македонија.

ВАРДАР: Штербик (8 одб.), Милиќ, Стоилов, Кристопанс 5/7, Мораеш 2/2, Македа 1/3, Карачиќ 1/3, Абутовиќ 0/1, Канељас 1/3, Циндриќ 5/6, Чупиќ 3/4, Дибиров 3/5, Шишкарев 1/2, Борозан 3/4, Војводиќ, Марсениќ 1/1.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 2 мин.

ЗАГРЕБ: Кастелиц (3 одб.), Јовиќ (1 одб.), Мраковчиќ 2/5, Божиќ-Павлетиќ , Контрец 1/1, Вори 2/2, Марковиќ, Хорват 8/11, Шушња, Ј. Валчиќ 2/3, Медиќ, Т. Валчиќ, Равниќ 3/3, Бичаниќ 3/6, Павловиќ 3/7, Векиќ.

Седмерци: 7/7, Исклучувања: 8 мин.