ТОП 5 ѕвезди што ќе играат на ЕП (ВИДЕО)

Спортската јавност во следните две недели ќе биде окупирана од настаните и натпреварите на Европското првенство во Хрватска. Четири града ќе бидат домаќини на континенталниот шампионат, Загреб, Вараждин, Пореч и Сплит. 16 репрезентации и многу играчи ќе продефилираат низ арените ширум Хрватска, а ова се најголемите ѕвезди.

КИРЕ ЛАЗАРОВ – Нант/ Македонија

Еден од најдобрите десни бекови во светот години наназад. Со 37 години е ветеран на Европското првенство. Повеќе од 160 настапи за националниот и повеќе од 1200 голови. Најдобар македонски ракометар во историјата и најголема македонска спортска ѕвезда. На Светското првенство во Хрватска, во 2009 година, Лазаров го сруши рекордот во вкупен број постигнати голови на некој шампионат и постави нов – 92 голови. Рекордер е и на Европските шампионати со 62 голови. Во кариерата има постигнато и повеќе од 1000 голови во Лигата на шампионите. За репрезентацијата игра од 1997 година, а во кариерата играше за Пелистер, Загреб, Веспрем, Атлетико Мадрид и Барселона, а моментално игра за Нант.

НИКОЛА КАРАБАТИЌ – ПСЖ/ Франција

Можеби е најкомплетниот ракометар на сите времиња. Со репрезентацијата на Фрација освои се што може да се освои. Дури три пати е прогласен за најдобар ракометар на светот, последен пат во 2016 година. Во сениорскиоттим е од 2002 година, а до денеска освои две олимписки, четири светски и три европски злата. Со бројни индидуални признанија, тој е еден од најтрофејните спортисти во историјата.

МИКЕЛ ХАНСЕН – ПСЖ/ Данска

Го сметаат за еден од најдобрите дански ракометари во историјата. Прогласен е за најдобар светски ракометар во два наврати, последен пат 2015 година. За националниот тим дебитираше во 2007 година против Шведска и во 11 години поминат во данскиот дрес дојде до титулата најдобар дански ракометар во последните десни години. Од бројните индивидуални награди треба да се издвои она за најдобар стрлец на СП во 2011 година, а два пати беше најдобар стрелец и во Лигата на шампионите. Со Данска освои злато на ОИ во 2016 година и злато на ЕП во 2012 година.

ЛУКА ЦИНДРИЌ – Вардар/ Хрватска

Циндриќ имаше неверојатен ракометен пат. Пред четири години играше за Карловац, а денеска е член на европскиот првак Вардар. Требаше да биде фудбалер, бидејќи беше голем талент. На 14 години доби повик од Динамо Загреб за трансфер, но во договор со родителите решава да ја одбие понудата. Сепак прва љубов му е ракометот. Ракометните стручњаци своевремено тврделе дека тој нема да успее во ракометот, бидејќи е низок, но Лино Червар веруваше во него, го препозна неговиот талент и го донесе во Металург. Потоа следуваше трансферот во Вардар, набрзина стана еден од главните играчи, а во финалето на ЛШ минатата сезона го постигна одличувачкиот гол на дуелот со Барселона. Со него, Карачиќ и Дувњак, Хрватска има најдобро трио средни бекови.

УВЕ ГЕНСХАЈМЕР – ПСЖ/ Германија

Капитен е на германската ракометна репрезентација. Поради повреда го пропушти Европското првенство во Полска, каде неговите соиграчи и без него станаа европски шампиони. Оваа година Германците сигурно се уште посилни. За националниот тим дебитираше во 2005 година против Словенија, а во 2006 година стана младински европски првак. Според многумина тој е најдоброто лево крило во светот. Беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите во 2011 и во 2017 година. Беше најдобар играч во Бундеслигата во 2011 година. 13 години играше за Рајн Некар Левен, а пред две сезони се пресели во ПСЖ.