Топ 10 ранкинг во ЛШ: Шампионот Вардар е фаворит број 4 за титулата во Келн

Во битката за Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во машка конкуренција останаа уште 14 екипи коишто ќе се обидат да покажат најмногу и да се изборат за оние четири места коишто водат во завршната битка за титулата.

Меѓу најдобрите 10 нормално е и шампионот од минатата година, а според ранкингот кој го имаат во моментов на првите четири места се екипите коишто лани играа на завршниот турнир.

10. МОНПЕЉЕ

Лидерот во најсилната лига на Франција имаше одлична сезона и во Лигата на шампионите. Одигра одлични средби во групната фаза, а потоа бе проблеми успеа да го помине составот на Адемар Леон после што се избори за пресметка со тимот на Барселона во осминафиналето.

Самиот факт што овој двобој од осминафиналето е избран за меч на првата рунда од елиминациите е доволен показател за колку силен дуел се работи.

9. КРИСТИЈАНШТАД

Шампионот на Шведска успеа да се избори за пласман во елиминациите и тоа првпат во третиот обид. До место во осминафиналето беше дојдено во последното коло откако неколку работи се поклопија како што составот на Кристијанштад можеше само да посака.

Момците на Ола Линдгрен покажаа дека сезонава можат да победат против секого дома, па сигурно и на Флензбург нема да му биде воопшто лесно.

8. КИЛ

Главниот проблем сезонава за екипата на Кил се повредите. Долго се мачеа во текот на оваа сезона, но на крајот после ремито против ПСЖ успеаја да завршат на 4. позиција во групата каде што имаше силни противници.

ПИК Сегед е екипата против која ќе треба да се бара местото во четврт-финалето, а победникот од овој двобој ќе биде ривал на Вардар. Дефинитивно ова ќе бидат два интересни дуели во кои Кил нема да има воопшто лесна задача.

7. КЈЕЛЦЕ

Екипата имаше променлива форма во оваа сезона, а на крајот заврши на 5. место откако Кил одигра нерешено во последното коло, а Флензбург се избори за победа. Со ова Кјелце се тргна од патот на Вардар во елиминациите од Лигата на шампионите.

Шампионот на Полска ќе игра против Рајн Некар во осминфиналето, а добро е познато каков проблем настана со првиот меч со оглед на тоа што Германците имаат натпревар против Кил во истиот ден кога треба да се гостува. Оттаму Кјелце добива шанса повеќе за да се најде во завршницата на Лигата на шампионите.

6. ФЛЕНЗБУРГ

Поранешната екипа на Љубомир Врањеш, Флензбург може да се најде на дуел со тренерот кој сега е во Веспрем доколку ја оправда улогата на фаворит во пресметката против Кристијанштад во осминафиналето.

Флензбург е во предност за пласман во четврт-финалето, но дефинитивно ќе биде тешко со оглед на тоа што Веспрем е тим кој секогаш е меѓу кандидатите за Ф4 турнирот.

5. НАНТ

Екипата на Кире Лазаров сезонава покажа врвен ракомет во Лигата на шампионите. До последен момент се бореше за да стигне до првото место во групата, но на крајот заврши на 3. позиција и отиде на двобој со екипата на Брест Мешков.

Во завршниот дел од сезоната следуваше изненадувачки пораз од тимот на Загреб, па тука Барселона доби шанса за да заврши на 2. место во групата. Без разлика на тоа Нант покажа добар квалитет и е фаворит против Брест, а доколку се добие шанса тогаш нема да биде изненадување ако се избори место и на Ф4.

4. ВАРДАР

Пониска позиција од она што актуелниот Европски првак заслужува. Вардар играше одлично и оваа сезона и пред паузата за Европското првенство во Хрватска беше тимот кој никој не можеше да го надигра, но и тимот кој редовно беше под 30 примени голови.

Ова се последни месеци во клубот за тренерот Раул Гонзалес, но и за неколку ракометари кои исто така си заминуваат. Сите се подготвени за да ја одбранат круната и ќе дадат сè од себе за да стигнат до резултат кој ќе им ги отвори вратите кон историјата.

3. ВЕСПРЕМ

Унгарците сезонава се со нов тренер. Љубомир Врањеш има тим кој може да победи против секого, но Дејан Манасков и колегите не успеаја да издржат против ПСЖ, па на крајот се најдоа само на 2. место.

Имаа противник со кон не би требало да имаат проблеми за да се пласираат во четврт-финалето. Скјерн не е ривал од кој Веспрем треба да стравува, па затоа се очекува Веспрем да биде меѓу најдобрите осум екипи сезонава.

2. БАРСЕЛОНА

Минатата година Барселона загуби од Вардар во полуфиналето, но потоа се реваншираше на Светското клупско првенство. Сега Каталонците одново се на потребното ниво за да можат да се надеваат на добар резултат.

Барселона е дефинитивно фаворит против Монпеље иако нема да биде воопшто лесно да се дојде до пласман понатаму.

Борко Ристовски и Перез де Варгас се голмански тандем кој може да донесе многу на натпреварите во Лигата на шампионите, но тука се и многу други квалитетни играчи како Ривера, Ентрериос, Мем, Томас… па затоа Барселона годинава ќе се обиде да го надомести пропуштеното од минатата сезона.

1. ПСЖ

Минатата сезона ја завршија со пораз во финалето откако Чупиќ го совлада Омејер во последните секунди од средбата и донесе победа за Вардар. Сега ПСЖ одново влегува во елиминациите со желба за триумф и за освојување на круната во Лигата на шампионите.

Нема да биде лесно, а дека тимот е ранлив се гледа и од тоа што во првенството на Франција работите не одат најдобро и ПСЖ заостанува зад Монпеље. Од друга страна и во Лигата на шампионите се виде дека кога ракометарите од Париз нема да одиграат на највисоко ниво, секој може да се избори за позитивен резултат.

Оттаму иако ПСЖ е директно во четврт-финалето и го очекува подобриот од дуелот меѓу Рајн Некар и Кјелце.