Томче Петрески: Ни требаат уште играчи за да ја затвориме ротацијата

Македонското дерби ја одлучи разврската за тоа кој тим ќе заврши на 5. позиција на Меморијалниот меѓународен турнир „Боро Чурлевски“ во Битола. Силите ги одмерија Пелистер и Бутел, а битолчани успеаја да ја оправдаат фаворитската улога и да победат со резултат 32:27.

Тренерот на Пелистер вели дека не може да има комплетен состав бидејќи некои од играчите се жалат на повреди, а други на кои сметаше воопшто не дојдоа на подготовките.

„Ни недостасуваат играчи за ротација. Еден од играчите е повреден, а Ради од Египет за жал не дојде кај нас иако сериозно сметав на него. Моментално сме во потрага по друг играч кој можеби ќе пристигне следната седмица и ќе ни помогне за ротација, а и Перовиќ има скршеница на дланката и еден месец ќе биде надвор од терените“, изјавува тренерот на битолчани, Томче Петрески.

Покрај тоа што тимот на Пелистер има неколку проблеми со повреди во екипата има голем број на нови играчи кои сè уште не се максимално влезени во ритам и потребно им е одредено време за да го сторат тоа.

„Нашата цел е да се стабилизираме и да ја наметнеме нашата игра, но далеку сме сè уште од тоа, ни треба време бидејќи не е едноставно со нова екипа и како што реков потребно е да помине одредено време“.

Зелените од Битола беа фаворити на натпреварот против Бутел па оттаму на средбата се обидоа да го прикажат она што го реботеле во текот на подготовките.

„Во нашата игра немаше посебно некоја тактика, излеговме да изиграме како што знаеме. Кај тренерот Котевски имаше тактика бидејќи излезе на терен со „деца“, а ги криеше посилните адути за натпреварите од првенството“, заврши тренерот на Пелистер.

Екипата од Битола после овој натпревар има 13 дена за работа, а на 15 септември следува битолското дерби против Е. Работник со што се означува почетокот на новата сезона во Супер лигата на Македонија.