Тимур Дибиров: Металург секогаш дава 120 проценти против Вардар

Во отсуство на повредениот капитен, Стојанче Стоилов, како претставник на ракометарите на Вардар на денешната прес-конференција беше Тимур Дибиров. Еден од најискусните играчи во таборот на вардарци очекува да има далеку подобра сезона отколку што тоа го покажува стартот, а верува дека формата ќе оди по нагорна линија.

300x250

Според Дибиров главното се очекува да се види во февруари или март поради тоа што екипата има нов тренер.

„Среќни сме поради стартот на сезоната. Се соочуваме со проблем кој никој не го сака. Ниту еден пат не трениравме комлетни. Играчите постојано се со здравствени проблеми. Најавуваме интересна и возбудлива сезона. Одигравме 2-3 турнири и уште не можеме да знаеме колку сме подготвени и каква е нашата слика. Имавме одлични средби со ПСЖ, Нант и Фуксе Берлин, но не беше така добро против Хамбург и Мешков. Сакаме да покажеме квалитет без разлика кој ќе биде во составот. Не сме уште константни во моментов и уште не сме најсигурни, но ќе биде подобро. Ќе видиме како ќе биде во февруари и во март. Имаме нов тренер и играчи и ни треба време. Бараме поддршка од сите. Ни треба поддршка од навивачите, но и од медиумите“, изјави Дибиров.

Тој ги пренесе своите очекувања и за дуелот против Металург кој ќе се одигра в среда од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.

„Знаеме за каква екипа се работи. Металург секогаш дава 100-120 проценти против Вардар. Без разлика во кој состав е ние имаме голем респект и ќе се обидеме да го дадеме максимумот. Очекувам да биде потешко отколку во Струга. Сега Металург имаше време да се подготви за првото коло од СЕХА. Одиме со респект и кон Металург и кон секоја екипа“, рече левото крило на Вардар на првиот прес пред стартот на новата сезона.