Тимот што победува не се менува: Раул ќе ја води Македонија кон Токио

Репрезентативците на Македонија доцна синоќа се вратија во Македонија после новите успешни квалификации кои донесоа учество на уште еден Мундијал. Ракометарите имаа одлични средби против Романија, а иако загубија на реваншот во Клуж тие се победниците во пресметката бидејќи успеаја да завршат на шампионатот кој во јануари следната година се одржува во Германија и во Данска.

Нема дилеми дека овој состав кој е спој на младост и на искуство има одличен ритам и знае како треба да игра и против квалитетните состави. Раул полека го наметнува својот стил и во националниот тим, а тоа е секако од големо значење бидејќи Македонија така добива можност да има и еден сосема поинаков лик со кој може да има повеќе варијанти и против секоја селекција да има поинаков тип на игра.

Во моментов најважната работа е таа дека Македонија е на завршницата, а сега ќе треба Раул и Парондо да имаат далеку поголема соработка. Раул заминува за ПСЖ и нема да биде постојано во Скопје за да може да има и поголем увид на формата на играчите од домашното првенство. Она што е најважно е дека Македонија продолжува со „Ел командате“ во новите предизвици, а тој со новиот тренер на Вардар и со Александар Царчев ќе има голема задача за да успее да стигне до нови големи резултати.

Стручниот штаб кој донесе добри резултати ќе треба само да продолжи во ритамот кој и досега го имаше. Сега ќе мора да се направи план за уште поголемо приклучување на младите во екипата и тоа секако ќе биде огромна придобивка за националниот состав за следните квалификации.

Македонија следните официјални средби ќе ги има наесен кога прво ќе ја пречека Турција, а потоа ќе и гостува на Грција во квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Затоа ова ќе биде интересен период, а најважно од сè е тоа дека стручниот штаб кој победува нема да се менува и ќе ја води Македонија кон нови предизвици и во следните квалификации.