Тиквеш одигра за „десетка“ против Аеродром, љубоморно го чува врвот

Тимот на Тиквеш ја забележа и шестата победа во групата 2 од Првата лига и се уште нема загубено ниту еден бод оваа сезона. Последна жртва на кавадарчани беше составот на Аеродром, кој си замина со пораз од десет голови, 41-31.

Во првиот дел гостите од Скопје одржуваа резултатска рамнотежа, но пред паузата им попушти концентрацијата и Тиквеш имаше солидна залиха од четири погодоци, 18-14.

Во второто полувреме избраниците на Дарко Петровски намалија во два наврати на минус два, но немаа сили да се заканат со комплетен пресврт. Тиквеш рутински ја одржа и зголеми разликата за шеста победа во прволигашката конкуренција.

Искусните Јане Јанчев и Илија Грозданов со по десет голови ги водеа домашните до победа, а Орданчо Лазов додаде уште осум. Кај Аеродром се истакнаа Бојан Спасовски и Марио Лефковски со по осум голови.