Тешки денови за ракометот во Прилеп

Цела полусезона тимот на Прилеп мака мачеше со финансиите, а по смената на градските власти, ја добија и најмалку посакуваната вест, дека Општината нема да го спонзорира клубот, односно дека клубот нема да добие пари во тековната година. Сепак, постојат најави дека следната година, Прилеп ќе може да смета на финансии од Општината, но во многу помал обем.

„Точно е дека остануваме без помош од Општината, за оваа календарска година. Ќе се трудиме во следниот период да пронајдеме финансии за да ги исплатиме играчите и да склопиме финансиска конструкција за пролетниот дел од Суперлигата. Во 2018 година, најавено е дека ќе имаме поддршка, но многу помала отколку што имавме порано.“ – изјави за 24Ракомет, претседателот на клубот, Александар Мариновски.

Прилеп сосема извесно ќе ги доигра преостанатите 4 кола од регуларниот дел од сезоната со изменет играчки кадар, а потоа ќе разигрува и во плеј-аутот, каде не би требало да има проблем со обезбедување опстанок, со оглед на бодовната предност пред конкурентите.