Текстилец како брз воз низ Кавадарци

Ракометарите на Текстилец се најпријатното изненадување во Првата Лига на Македонија оваа сезона. Тимот од Штип ја продолжи победничката низа и на гостувањето во Кавадарци, каде славеше над домаќинот Тиквеш со 22:28.

Се играше неизвесен прв дел во кој и двете екипи имаа свои моменти, но во финишот на полувремето Текстилец по 9:9, со серија од 4 голови обезбеди солидна залиха пред паузата, 9:13. Тиквеш намали на 11:13 на стартот на вториот дел, но потоа домионираше Текстилец.

Гостинските ракометари ја стегнаа одбраната, погодуваа во нападот и стигнаа до 11:17, а Тиквеш се што стори е што во два наврати намали на минус 3, но сепак не успеа до крај да се закани и Текстилец победи 22:28.

Васе Петров со 14 голови беше предводник на гостинскиот тим, додека 5 даде Хаџиниколов. Кај Тиквеш се истакна Васил Витанов со 6 голови. Ова беше 6 победа за штипскиот тим во 8 натпревари.