Татран сигурен против Металург на свој терен во Прешов

Металург загуби на гостувањето во Прешов против Татран со 27:19 и тоа е десеттиот пораз за вториот тим од Македонија во СЕХА-лигата сезонава.

Ракометарите на Металург поведоа со голот на Кузмановски, но тоа беше единственото водство на овој дуел. Имаа 1:1, а потоа и 2:2, но тоа беше сè бидејќи домашните ја презедоа контролата во играта и постојано го зголемуваа водството.

Сите обиди на Металург да се врати беа залудни бидејќи не можеше да се намали високата негатива. Татран знаеше да ги казни сите грешки и лесно успеваше да се одржи во предност која гарантираше убаво продолжение на мечот. До полувреме водството се искачи до 12:8.

Во вториот дел ритамот беше речиси ист како и во првото полувреме. Татран ја чуваше предноста, па и ја зголеми, а Металург не можеше да дојде до помала разлика. Се играше мирно, а со оглед на тоа дека и двете екипи ги загубија шансите за повисок пласман уште претходно ова беше само формално одработување на задачата од 17. коло.

На крајот резултатот беше 27:19, па двете полувремиња завршија со идентична разлика од четири гола. Сепак, во меч без некој посебен жар ова беше одлика на сработеното на теренот.

ТАТРАН ПРЕШОВ – МЕТАЛУРГ 27:19 (12:8)

ТАТРАН ПРЕШОВ: Чурпина 1/1(10 одб., 1 сед.), Цвитковиќ, Рабек 1/1, Сарпатаки, Хрстка 6/7, Лапајне 1/2, Крок 1/2, Рецицар, Урбан 3/5, Пекар, Чип 5/6, Вучко 3/3, Абрамовиќ, Буторац 5/8, Чарапкин, Бабиќ 1/2.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 8 мин.

МЕТАЛУРГ: Томовски (5 одб.), Даниловски (1 одб.,1 сед.), Маџовски, Јагањаљц 3/8, Димитриоски 3/3, Токиќ 4/6, Танкоски 1/1, Серафимов 1/2, Кузмановски 4/8, Илиќ 1/1, Велковски 0/2, Пешевски 2/4, Палевски, Лазаревски, Арсеновски 0/1/

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 10 мин.