Татабања со триумф ќе пристигне во Битола кај Еурофарм Работник

Противникот на Еурофарм Работник на следниот меч од Купот на ЕХФ, Татабања успеа да дојде до победа во првенството на Унгарија и да се задржи на 3. позиција на табелата. Татабања го совлада Егер со 32:25 откако имаше одлично второ полувреме.

Тренерот на Татабања имаше можност да ги провери уште еднаш сите ракометари на кои смета за гостувањето в недела во Битола, а тоа беше сосема доволно за да може да се обезбеди победа.

После првото полувреме Татабања имаше предност од само еден гол, 14:13, а потоа работите дојдоа на свое место и беше оправдана улогата на фаворит обезбедувајќи победа од 32:25.

Прв стрелец во Татабања беше Црногорецот Милош Вујовиќ, кој реализираше десетпати. Зад него останаа Григорас со пет гола, Божовиќ (3), Сипос (3), Борзас (2), Јухач (2), Паштор (2), Роста (2), Врањеш (2) и Наѓ (1).

Средбата меѓу Еурофарм Работник и Татабања од 2. коло од Купот на ЕХФ се игра в недела во Битола со почеток во 19 часот.