Талески ја запечати судбината на Лемго

Улогата на фаворит која ја имаше Рајн Некар Левен против Лемго успеа да ја оправда. Во денешниот натпревар помеѓу овие два тима традиционално победата ја однесе тимот во кој настапува Филип Талески со резултат 28:21. Најдобар стрелец кај победниците беше Јаник Колбахер, а Филип Талески успеа да забие само еднаш и тоа во последната минута од натпреварот.

„Лавовите“ започнаа фуриозно и поведоа уште на стартот со 4:0. Лемго се чинеше како да игра под голема несигурност и нервоза, а шлаг на тортата беше и одличната престава на голманот на Рајн Некар Левен, Андреас Паличка. Одличните меѓусебни проигрувања на Шмид и Гарсија беа незапирливи за гостите и веќе во 11. минута резултатот гласеше 7:1.

По ваквата серија Лемго успеа да се врати во игра и да намали на 8:4, но и ваквиот резултат не им донесе комплетен пресврт и Рајн Некар Левен со серија од пет постиганти гола, а нула примени успеа да го однесе водството на плус девет во 22. минута. Последните осум минути од првото полувреме ни донесоа игра гол за гол, а крајниот резултат на полувремето гласеше 16:8.

И во второто полувреме видлива беше разликата во квалитетите на двете екипи. Додека Лемго правеше катастрофални грешки во нападите, Рајн Некар Левен ја полнеше мрежата на гостите. По четири минути одиграни во второто полувреме екипата на Рајн Некар Левен успеа да ја има својата прва двоцифрена разлика која во 34. минута гласеше 19:9, а во наредните напади „лавовите“ успеаја да отидат и на плус 12.

Оваа серија не траеше долго и во последните петнаесетина минути од натпреварот видовме мало опуштање од домаќините и мало поткревање на играта кај гостите кои успеаја да ја намалат негативата. Најмногу што успеаја да стпрат е да се вратат на минус 6 во 59 минута пред Филип Талески да ги постави конечните 28:21 на една секунда пред крајот на натпреварот.

Нашиот ракометен бисер својата партија ја закити со еден гол од три обиди. Се трудеше максимално да погоди во моментите кога добиваше шанса за игра и имаше сосема солидна партија. Покрај едниот погодок Талески успеа и два пати да ја пресече акцијата на гостите во денешниот натпревар.