Талески обезбеди пласман во финалето на Германскиот куп

Германскиот шампион Рајн Некар Левен е првиот финалист на Германскиот ракометен куп. Екипата чии бои ги брани и македонскиот интернационалец-Филип Талески денеска славеше над Магдебург со 31-24 (16-10) по што си резервираше место во утрешното финале.

Ракометарот на Магдебург-Мадс Кристијансен го отвори натпреварот, но германскиот шампион одговори експресно и со серија од 5-0 поведе со 5-1 во шесттата минута. Ракометарите на Николај Јакобсен имаа комплетна контрола во првото полувреме и преку расположените за игра Менса Ларсен и Петерсон постојано ја зголемуваа својата предност која во 28.минута со третиот погодокот на Петерсон ги достигна највисоките +7 (16-9). Последниот погодок во првото полувреме беше дело на ракометарите на Магдебург за конечни 16-10 на полувреме.

Во вториот дел Рајн Некар продолжи со исто темпо, Петерсон го торпедираше голот на Магдебург а со својот седми гол ги донесе до тој момент највисоките 13-22 во 40.минута. Рајн Некар беше за класа подобар противник од Магдебург, а во последните десетина минути при резултат 27-20, германскиот шампион започна серија од 3-0 која ја отвори Ларсен а ја затвори Сигурдсон за двоцифрена предност од 30-20 во 55.минута. Последните пет минути беа чиста формалност, а последниот погодок на натпреварот беше дело на Вебер за конечни 31-24.

Најпрецизен кај Рајн Некар Левен беше исландскиот десен бек-Петерсон со седум гола, а го следеше Менса Ларсен со шест.Талески не се запиша во листата на стрелците. Во екипата на Магдебург најрасположен за игра беше Вебер со дванаесет гола (најголемиот дел од нив од седум метри).

Финалето на германскиот ракометен куп е закажано за утре од 15:15 часот, а Рајн Некар Левен го очекува победникот од дуелот Хановер-Вецлар. Доколку победи екипата на Вецлар за која настапува Филип Миркуловски, ќе гледаме македонско финале помеѓу Талески и Миркуловски.