Талески и колегите без плен: ПИК Сегед ги однесе бодовите од гостувањето кај Рајн Некар

Ракометарите на Рајн Некар после големата победа над екипата на Лемго во Бундес лигата не успеаја да ја повторат истата игра и во Лигата на шампионите и на домашен терен претрпеа пораз од составот на ПИК Сегед со 35:37.

Ова беше дуел на кој дефинитивно се очекуваше многу повеќе од ракометарите на Рајн Некар, но Талески и колегите не успеаја во намерите да стигнат до бодови, па останаа без плен и тоа веројатно ќе значи и без можност за битка за некоја позиција погоре од четвртата на која се наоѓаат во моментов.

Рајн Некар одигра добро прво полувреме во кое успеа да стигне до предност од 17:15, но во вториот дел работите не одеа најдобро. Гостите наметнаа силно темпо и успеаја да се изборат за предност која ја чуваа до крајот од натпреварот и без проблеми се изборија за победа и два бода со кои се доближија на само бод до Рајн Некар и остануваат во трка за 4. место.

Филип Талески денеска немаше голови, а со оглед на тоа што повеќе време мина во одбраната имаше едно исклучување.

Следниот меч Рајн Некар го игра на 18 февруари на домашен терен против тимот на Кристијанштад.