Талески и Балинген ги „растурија“ па управата ги казни

Во 4. коло во Бундес лигата на гостувањето кај Балинген екипата на Мелсунген доживеа катастрофален пораз со 13 гола разлика, 23:36, а овој пораз им падна тешко на лицата коишто го водат клубот. Талески го одигра својот најдобар меч во новиот клуб и придонесе во победата на својот тим, но со тоа им направија проблеми на ракометарите на Мелсунген.

Извршниот директор на Мелсунген, Аксел Геркен во коментарот за поразот по натпреварот најави казни за своите ракометари.

„Јасно им ставив до знаење на играчите дека ваква игра е неприфатлива. Изданието во Балинген не беше достојно за клубот кој го носи името Мелсунген. Неефикасноста на тимот и на секој индивидуалец негативно влијае на перцепцијата на клубот како целина. Затоа решивме да ги казниме играчите, а каква ќе биде казната нема да коментирам“, рече Аксел Геркен.

За неволјата да биде уште поголема за играчите следува натпревар со лидерот на табелата Магдебург. Овој дуел се игра утре од 19 часот, а Мелсунген е домаќин.