Талески: Драго ми е што ме споредуваат со Кире и Пепи, ќе направам се да ги оправдам очекувањата на јавноста

Наместо на лето, македонскиот репрезентативец Филип Талески го облече дресот на германскиот шампион Рајн Некар во зимската пауза. Поранешниот капитен на Металург потпиша договор до 2021 година со „лавовите“. Во интервју за клупскиот веб-сајт говори за преселбата од Македонија и аклиматизацијата во Германија, за почетоците во Бундес Лигата, за клупскиот и репрезентативен колега Дејан Манасков, за неговите ракометни почетоци…

„Дејан многу направи за мене кога дојдов овде. Тој ми е како постар брат и е тука за мене за се што ми треба. Мојот татко беше со мене во првите неколку недели, но сега се врати во Скопје, додека мојата девојка игра за Металург и се надевам дека и таа ќе се пресели во Германија од следната сезона. Моите родители се горди на мене и беа многу среќни кога добив понуда од Германија за да играм во најдобрата лига на светот. На почетокот нормално е дека ми беше тешко. Живеам сам за првпат, далеку од дома, не го знам јазикот и земјата. Но подобро е со секој поминат ден, учам германски, а кога ќе зборувам добро, сите работи ќе бидат полесни.“ – започнува Талески.

Талески се присетува на доаѓањето во Металург и неговите почетоци во тимот од Автокоманда.

„Кога имав 13 години, мајка ми најде работа во Скопје. Дојдов од мал град како Крушево. Се приклучив на Металург, и многу тренирав во младите категории. Поминував часови и часови во салата, работев индивидуално. Многу сум амбициозен и сакам да напредувам. Пред да започнам со ракомет, тренирав скијање, бидејќи сите од мојот град го тренираа тоа.“ – продолжува Талески.

Проблемите во Металург пред неколку сезони, кога си замина една цела постава на иксусни ракометари, беше шанса за Талески да се промовира.

„Беше тешко за играчите поради тоа што се случи и мораа веднаш да бараат нови клубови. Но, тоа имаше и друга страна. Многу млади играчи добија шанса и ја искористија. Игравме во СЕХА и во ЛШ. Тоа беа најголемите предизвици.“ – вели Талески.

За споредбите со Кире Лазаров и Пепи Манасков, Талески вели дека му годат, но дека има уште многу да работи за да ги достигне.

„Драго ми е што нарадот прави паралели меѓу Кире, Пепи и мене. Ќе направам се да ги оправдам очекувањата, но се уште сум далеку од нив.“ – вели Талески.

Рајн Некар доживеа елиминација од Лигата на шампионите, но се уште е во конкуренција за титулата во Бундес Лигата.

„Нема да биде лошо да тргнам со титула. Со нетрпение го очекувам секој меч од Бундес Лигата, како и Ф4 од Купот на Германија што ќе се одржи во Хамбург. Знам колку долго нашите навивачи чекаат за овој трофеј.“  – завршува Талески.