Талески добива нова конкуренција, Рајн Некар го сака Лагард уште летово

Колегата на Кирил Лазаров во Нант, Французинот Роман Лагард потпиша тригодишен договор со Рајн Некар Левен со важност од 2020 година, но клубот од Германија сака да го види во својот тим една година порано. Раководството на Рајн Некар веќе најави дека е подготвено да издвои поголема сума на пари за трансферот да се реализира уште летово.

Според француските медиуми Рајн Некар понудил нешто повеќе од 200.000 евра за Лагард веднаш да стане нивен играч. Износот што го бара Нант за играчот е близу 300.000 евра што во овој момент е единствена пречка бидејќи и самиот играч изрази желба да се пресели во Германија летово.

„Да, тоа е и моја желба. Се надевам дека клубовите ќе постигнат договор. Преговорите се во тек“, кратко изјави Роман Лагард.

Французинот има 22 години и веќе е стандарден член на репрезентацијата на Франција. Се очекува да биде големо засилување за бундеслигашот со оглед на тоа што може да покрие и на централен и на лев бек.

Ова само ги подгрева надежите дека Филип Талески може да дојде во Вардар со оглед на тоа што Лагард ќе биде директна конкуренција за него и ќе биде тешко да се дели минутажата иако има голем број на средби во текот на сезоната. Вардар го сака Талески во своите редови, а доколку тој одлучи дека сака да игра во Лигата на шампионите тогаш би можел да дојде во Скопје. Сигурно и раководството на Рајн Некар нема да се противи да го пушти во Вардар доколку успеат да се договорат со Нант.