Талентиран десен бек доаѓа во Металург: Червар го бара Никола Ивановиќ

По ангажманот на Јануш Лапајне, Лука Стојановиќ, Божо Анѓелиќ и Анте Токиќ, македонскиот вицепрвак Металург е на добар пат да обезбеди уште едно странско засилување во тимот. Предмет на интерес на тренерот Лино Червар е десниот бек на Партизан, Никола Ивановиќ.

Ивановиќ има само 19 години и е кадетски репрезентативец на нашиот северен сосед. Тој е висок 194 цм и тежок 86 кг, и би требало да му прави друштво на Мартин Велковски на десната страна. Се работи за ракометар кој игра во двата правци, без размислување шутира од девет, десет метри, а има одлична соработка со пикерите и е споменуван како еден од најталентираните во Европа на неговата позиција.

Продукт е на школата на Партизан, а доколку потпише за Металург, тоа би било негово прво интернационално искуство. Повеќепати е прогласуван за најдобар играч во кадетските и младинските шампионати во Србија. На ланското ЕП за играчи до 18 години во Хрватска беше еден од најдобрите во српската селекција, а годинава дебитира и во европските купови, но Партизан беше елиминиран од Повашка Бистрица.

Покрај интересот за Ивановиќ, на радарот на Металург е и младиот Хрват од ПСЖ, Халил Јагањац, но тешко е за верување дека ќе дојде до договор. Од странските засилувања потврдени се Словенецот Јануш Лапајне од францускиот ПСЖ, српскиот ракометар Лука Стојановиќ од чешкиот Талент Плзен, хрватското десно крило Анте Токиќ, како и Црногорецот Божо Анѓелиќ од унгарскиот Цегледи.

Покрај младите Димитриоски, Лазаревски, Шилегов и Танкоски, кои доаѓаат од Металург 2, повратник во екипата на Металург е Дарко Димитриевски, кој по една нецела сезона се враќа во Автокоманда, а нов двегодишен договор потпиша и пикерот Жарко Пешевски кој има одлична сезона зад себе. Голманот Никола Даниловски исто така се врати во матичниот клуб по две сезони минати во Пелистер. Нови едногодишни договори потпишаа голманот Дарко Арсиќ, левото крило Вања Илиќ, како и десното крило Александар Гуглета.

Во изминатиот период неколку ракометари ги напуштија редовите на Металург. Официјално, соработката е прекината со Никола Костески, Мартин Марчец, Немања МладеновиќГоран ПеченковскиАмин Јусуфинеџад и со Предраг Вејин. Металург сезонава ќе игра во СЕХА Лигата и во Лигата на шампионите.