„Сè уште размислувам“-Дали Пенезиќ е на крајот на кариерата?

Една од најдобрите поединки во составот на Ирена Дибирова, Андреа Пенезиќ деновиве за балканскиот спортски медиумски магнат најави дека е можно да стави крај на својата кариера уште оваа сезона.

Левиот бек на македонскиот шампион Вардар, пред неколку месеци изразила желба да се посвети на семејството и негово проширување, но својата одлука, како што вели во емисијата посветена на ракомет „Рукометаоница“ на хрватскиот сервис на Арена Спорт , се уште не ја донела.

(*интервјуто со Пенезиќ започнува од 15 минута)

Пенезиќ се пензионираше од хрватската репрезентацијата пред две години, вели дека останува посветена на Вардар и скапоцениот европски трофеј оваа сезона, а по завршување на сезоната се е отворено.

Ми осстануваат уште два испита да магистрирам на Економскиот факултет. Се надевам дека ќе ги завршам во овие неколку месеци. Полека се подготвувам за поинаков живот, за семеен живот. Се надевам дека оваа година ќе ја завршам кариерата, но се уште не сум се одлучила. Во кругот на пријателите и семејството ќе ја донесам конечната одлука.- истакна Андреа Пенезиќ за познатата спортска емисија.

Пред неполни два месеци ја запрашавме Пенезиќ каде се гледа во септември, а најдобрата хрватска ракометарка едноставно одговори дека сè уште не размислува за иднината. Дали најавата на левиот бек е само желба, резервен план доколку Вардар се одлучи да се движи во некоја друга насока или Пенезиќ навистина ќе се збогува од ракометот и ќе направи пауза да се посвети на проширување на семејството останува да почекаме до март кога треба да се завршат преговорите со ракометарките кои ќе бидат во изборот за наредната сезона.

Во женскиот колектив на спортското друштво Вардар засега се најавени две потенцијални засилувања. Двете руски интернационалки се желба на стручниот штаб, а дали ќе се остварат зависи од амбицијата на клубот и деталите кои треба да се договорат со менаџерскиот тим на ракометарките. Засега е познато дека екипата ја напушта Александра Лакрабер, а освен Барбара Лазовиќ, Драгана Цвијиќ, Полина Кузнецова, Јована Саздовска, Сара Ристовска и Амандин Лејно  останатите ракометарки ќе мора да седнат на преговарачка маса за продолжување на соработката со „црвено-црните“.