Суперлигашкиот опстанок е главната цел на младите „вардарци“

Минатата сезона екипата на Вардар јуниор во плеј-аут лигата финишираше пред Прилеп и Металург 2 со што си обезбеди директен опстанок. Во новата сезона остана без дел од ракометарите, па ќе биде многу потешко отколку лани. Екипата е помлада и со играчи кои не се така искусни, но ќе мора да се одигра најдобро што може и да се дојде до посакуваниот резултат.

300x250

Тренерот Стојан Петрушевски смета дека ќе има голема битка за опстанокот и најавува дека целта на тимот е да го зачува суперлигашкиот статус и во новата сезона.

„Екипата ја напуштија неколку ракометари кои беа клучни во составот. Кизиќ и Трпчевски заминаа во Струга, Атанасовски во Работнички, додека Мишевски, Петковски и Марко Кизиќ се постојано со првата екипа. Ќе биде добро доколку Мишевски го добијам на некој од натпреварите во есенскиот дел, но сè ќе зависи од тренерот на првиот тим. Исто ќе биде и со голманите. Сега има втор голман кој дојде од Алжир, па Кизиќ и Петковски веројатно ќе ротираат“, вели Петрушевски.

Во однос на возраста во споредба со лани просекот е уште помал, па сосема извесно е дека ова ќе биде спој на ракометари кои се дел од јуниорската и кадетската селекција на Македонија.

„Имаме уште помлад тим во однос на лани. Најстариот играч ни е од 1998 година така што годинава остануваат амбициите како и минатата и одиме кон тоа да обезбедиме опстанок, но секако и да произведеме некој нов играч кој ќе може да добие шанса да заигра во првата екипа на Вардар“.

Според квалитетот на екипите веќе е јасно против кои тимови ќе се бара опстанокот во лигата односно на кои директни дуели ќе се бие битката за одржување на суперлигашкиот статус.

„Борец после сите случувања во последниот период делуваат дека се меѓу послабите во лигата, но на терен не мора да е така. Прилеп успеа да застане на нозе и да добие поддршка од општината и сметам дека против овие две екипи ќе биде главната битка за опстанокот во лигата. Што се однесува до другите екипи надеж ми дава нашата игра против Струга на пријателскиот меч на кој загубивме два гола разлика“.

И Петрушевски го дели мислењето на повеќето тренери од Супер лигата во однос на тимовите кои се кандидати за пласман во плеј-офот.

„Е. Работник, Пелистер, Пролет, па тука е и Бутел меѓу кандидатите за плеј-оф. Мислам дека другите ќе се бориме за што е можно повеќе бодови и за бегство од опасната зона. Нашата концентрација ќе биде против другите тимови бидејќи овие средби се бришат напролет во плеј-аут лигата. Затоа ќе одиме кон тоа да освоиме колку може повеќе поени бидејќи можеме да ги пренесеме во лигата каде ќе има нови дуели напролет“.

Сезоната за Вардар јуниор почнува утре против Радовиш, а тоа ќе биде уште на стартот директен дуел против тим кој сезонава исто така во своите амбиции има обезбедување на опстанок.

„Распоредот на средбите ни носи неколку незгодни противници со кои секако мораме да одиме на бодови. Радовиш ни е првиот дуел и тука мораме да се обидеме да освоиме поени бидејќи тие ќе ни значат за понатаму. Тоа е тим кој сметам дека исто така ќе биде во долниот дел од табелата.  Ова ќе биде интересна средба, но ние ќе се обидеме да го добиеме. Во првите неколку кола играме и против Струга, Прилеп и Охрид. Стружани се млад тим, но ангажираа неколку играчи кои играле во Супер лига и знаат како треба на овие средби. Охрид можеби не се засили со играчи кои се по мој вкус, но нема да биде лесно на никого на дуелите против овој тим“, коментираше Петрушевски.

Јасно е дека сите тимови ќе гледаат шанса за бодови против Вардар јуниор, но исто така е јасно и дека младите вардарци нема лесно да ги даваат бодовите особено на свој терен и затоа ова ќе биде долга сезона во која ќе има што да се види на средбите на младите „црвено-црни“.

РАСПОРЕД ЗА ПРВИТЕ ПЕТ КОЛА

15/16.09.2018

ВАРДАР ЈУНИОР – РАДОВИШ

22/23.09.2018

СТРУГА – ВАРДАР ЈУНИОР

29/30.09.2018

ВАРДАР ЈУНИОР – ПРИЛЕП

06/07.10.2018

ОХРИД – ВАРДАР ЈУНИОР

13/14.10.2018

ВАРДАР ЈУНИОР – ПЕЛИСТЕР