Суперлигашкиот лидер со нов триумф: Охрид издржа едно полувреме кај Еурофарм Работник

Еурофарм Работник ја забележа осмата победа во осмиот натпревар од Суперлигата, откако на домашен терен беше подобар од второпласираниот на табелата – Охрид, со 31-21. Битолскиот тим сега се одлепи на лидерската позиција со шест бода повеќе од второпласираната екипа.

Домашните поведоа со 3-0, но како одминуваше времето така охриѓани полека се враќаа во резултатска рамнотежа и во еден момент имаа и нерешено. Сепак на пауза се замина со предност за Еурофарм Работник со 15-13.

На стартот на вториот дел беше 16-14, но упорните гости се вратија на 16-16. Сепак избраниците на Горан Андоновски попуштија кога најмалку требаше. Еурофарм Работник се одлепи на 22-16, и до крајот немаше дилеми кој тим ќе победи.

Битолчани рутински го довршија натпреварот за конечни 31-21. Најдобри стрелци кај победникот беа десното крило Милан Ѓукиќ со 11 голови, а шест постигна Никола Маркоски. Во охридскиот тим се истакна Дарко Георгиевски со пет погодоци.