Суперлигашите в петок на ждрепка за новата сезона, прволигашите прво на состанок

Клубовите веќе ги одработуваат подготовките за новата сезона, а в петок ќе биде познато и кој против кого ќе стартува во 1. коло и како ќе изгледа календарот за натпреварување во натпреварувачката 2019/2020.

Тимовите кои се дел од Супер лигата за мажи и од Женската лига годишната конференција ја одработеа уште по завршувањето на сезоната и сега в петок од 11:30 часот само ќе присуствуваат на ждрепка за стартните броеви. Истата ќе биде извршена во конференциската сала во хотелот Континентал.

Што се однесува до тимовите кои ќе играат во Првата машка лига кај нив ситуацијата е поинаква. Тие поради бојкотот на клубовите поради недобивањето на ваучерите не ја одработија конференцијата и дури сега ќе го направат истото. Состанокот е закажан за 12 часот, а покрај тоа што ќе има Годишна конференција ќе биде познат и начинот по кој ќе се игра во текот на сезоната поради зголемувањето на бројот на тимовите. Воедно ќе бидат извлечени и стартните броеви за новиот шампионат.