Судбината на Младост Богданци ќе се знае за седум дена!

Иако во јавноста се појавија многу шпекулации околу судбината на старо-новиот суперлигаш Младост од Богданци, се уште нема конeчно решение околу проблемот со кој се соочува овој клуб. Поради високите финансиски побарувања кои се потребни за учество во ракометната Суперлига, раководството на клубот се обидува преку спонзори и спортски пријатели да дојде до минималната граница за започнување на ново поглавје во најсилната македонска лига.

Но, иднината на Богданчани е неизвесна, а од Ракометната Федерација на Македонија конечниот одговор од Младост го чекаат до крајот на следната недела.

Состојбата во моментов не е на завидно ниво. Имавме разговори со главниот спонзор и градоначалникот, и сега ја очекуваме конечната разврска во текот на наредната недела. Има оптимистички сигнали, се надеваме дека сè ќе биде дефинирано до среда.-вели претседателот на клубот Митко Шутаров.

Пред две недели, во локалните медиуми и на неофицијалниот фејсбук профил на ракометниот клуб Младост од Богданци осамна соопштение во кое играчите навестија дека самоиницијативно ќе ги започнат подготовките за новата сезона во очекување на одговор од управата на клубот. Но, како што велат од управата, прв собир ќе има откако ќе се знае дали РК Младост официјално ќе остане меѓу македонската ракометна елита или не. Изминатава седмица веќе имале состанок со играчите, на кој се разговарало за проблемите во клубот и начините на кои би можело да се дојде до решение.

Имавме состанок со играчите, каде разговаравме за тековните проблеми. Спортската сала во Богданци е подготвена за натпреварување, останува само да се комплетира финансиската рамка која ја бара настапот во македонската Суперлига. Ние како управа се обидуваме да најдеме соодветно решение, два и пол месеци интензивно работиме на пронаоѓање  на нови спонзори. Потребна е голема сума пари за настап во најсилната македонска лига, за жал Богданци е мало место и нема голем интерес од правните субјекти. Навистина ќе биде штета ако не играме во Суперлигата, има расположение кај повеќе потенцијални спонзори, кај управата и играчите, но се уште нема конкретни мерки и решенија. – истакна претседателот на РК Младост Богданци, Митко Шутаров.

Едно е сигурно РК Младост Богданци својот конечен став за новата сезона треба да го донесе до крајот на следната недела, кога ќе се знае дали ќе има нови измени во составот на суперлигашкиот календар. Според веќе одредениот распоред, Младост во првото коло треба да гостува кај Еурофарм Работник во Битола во средината на септември.