СТРУГА 2017: Бешикташ успешно ја реши „скандинавката“

Во вториот натпревар од првиот ден на 45. издание на традиционалниот струшки ракометен турнир, турскиот шампион Бешикташ славеше победа над шведскиот вицепрвак Алингсас со 29:27. Скандинавците во текот на целиот прв дел го диктираа темпото и не му дозволија на учесникот во Лигата на шампионите да се доближи, но во второто полувреме, ситуацијата на теренот комплетно се промени.

Алингсас водеше најмногу со 5 голови разлика, 11:16, пред Бешикташ со серија од 2 погодоци, да го постават конечниот резултат пред паузата, 13:16. Стрелец на последниот гол за турскиот шампион беше македонскиот интернационалец Немања Прибак на истекот на 30 минута.

Постот на шведскиот тим траеше десетина минути, но по 14:16, Алингсас се одлепи на 16:21. Радојковиќ со два гола во серија ги донесе Турците на минус 2, 19:21.  Бешикташ стегна малку во одбраната, се разбрани египетскиот голман Кехдави, а Алингсас почна да греши и во 52 минута, резултатот беше нерешен 23:23.

Швеѓаните не можеа да го видат турскиот гол десетина минути, а Бешикташ ја продолжи серијата и од контри постигна 3 голови за 26:23. Ниту тајм-аутите на тренерот на Алингсас не беа доволни да се вратат во игра, па Бешикташ ја одржуваше разликата од 3 голови, 28:25. Алингсас намали на 28:27 и на половина минута до крајот се обиде со пресинг да стори нешто повеќе, но Радојковиќ во последните секунди ги постави конечните 29:27.

Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Фарук Важалиќ со 5 голови, а пикерот Толга Озбахар даде 4, исто колку Радојковиќ и Крсманчиќ, додека кај шведскиот Алингсас се истакнаа Флогман со  и Клар со 5 голови.

Распоред на натпревари:

12 август

Шарт – Струга 34:16

Бешикташ – Алингсас

13 август

19:00 Бешикташ – Охрид

20:45 Металург – Шарт

14 август

19:00 Металург – Струга

20:45 Алингсас – Охрид

15 август

18:00 меч за петто место

19:45 меч за трето место

21:30 финале