Струга го стопираше Пролет, но сè остана исто на табелата

Ракометарите на Струга го совладаа тимот на Пролет во меч кој можеше на коло до крај да им донесе на гостите место во плеј-офот. Пролет имаше водство во добар дел од средбата, но не успеа и да го издржи овој ритам, па на крајот домашните славеа со победа од 24:23.

Уште на почеток се виде дека ова ќе биде интересна средба на која ниту едните ниту другите нема да се предадат. И Струга и Пролет имаа свои моменти, но предноста која што беше направена најмногу беше гол до два. Пролет беше во постојано водство во првиот дел, но во финишот од првиот дел застана на гол разлика и на одмор имаше 12:11.

На стартот од второто полувреме стружани брзо израмнија и потоа и поведоа. Дојдоа и до два гола плус при 16:14, но и гостите имаа што да покажат. Главниот удар беше во моментите ког а беше обезбедена предност од три гола и Струга поведе со 22:19. Овие три гола се чинеа како тешко достижни, но Пролет се врати и израмни. До крајот во игра гол за гол, Чантурија реализираше пенал на неколку секунди до крајот, а гостите во последниот напад напрвија пробивање.

Од оваа победа стружани можат да бидат задоволни, но добија само зголемување на бодовното салдо. Гостите, пак, си ја продолжија неизвесноста за плеј-оф, но нема да имаат проблеми бидејќи против екипата на Прилеп се фаворити за победа така што се речиси во групата која ќе разигрува за титулата во Супер машката лига.

Струга, пак, ќе игра во плеј-аутот, а таму ќе има солиден број на бодови да може без проблеми да си обезбеди директен опстанок.

СТРУГА – ПРОЛЕТ      24:23 (11:12)

Сала: „Тими“ во Струга. Гледачи: 200. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Камер Металари од Скопје.

СТРУГА: Стојаноски, Мечкароски, Матоски, Кузманоски 2, Крстаноски, Чантурија 4, Нацев, Тренчевски 3, Цителишвили 4, Јанкулоски, Ферукоски, Николиќ 3, Костески 1, Трајковски, Дикаминџија 6, Новаковиќ.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 10 мин,

ПРОЛЕТ: Кимевски, Коруновски, Кристо, Ф. Василевски 3, Аларов 3, Даев, Давитковски, А. Василевски 3, Манев, Ролевски 2, Андоновски 1, Џонов 2, Мајнов 5, Дамчевски, Стојановски, Манасков 4.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 16 мин.