Промени во Металург: Анѓелиќ на крстопат меѓу Романија и Франција, Арсиќ оди во Португалија

Со дуелот против Нексе во Нашице, завршија обврските на македонскиот вицепрвак Металург во СЕХА Лигата за 2017 година, а претходно со гостувањето во Португалија, кај Спортинг Лисабон, тимот од Автокоманда заврши и со натпреварите во Лигата на шампионите. Но, со тоа не завршија и промените на тимот, кои веќе стандардно се случуваат на полусезона, со завршување на настапот во елитното европско натпреварување.

Според информациите на 24Ракомет, Металург ги има подмирено сите обрвски кон странските ракометари, но дел од нив сепак нема да ја дочекаат пролетта во Автокоманда. Црногорскиот интернационалец Божо Анѓелиќ потпиша едногодишен договор летоска, но можно е да замине по само шест месеци. За него има интерес од клуб од главниот град на Романија, но постои и интерес од екипа која се натпреварува во втората лига во Франција.

За голманот Дарко Арсиќ од поодамна има интерес од португалскиот шампион Спортинг и тој веќе се подготвува за преселба во Лисабон, каде би требало да биде замената за словенечкиот голман Алјоша Чудиќ. Арсиќ дојде во Металург минатата сезона и остави одличен впечаток, но во есенската полусезона оваа година не ги прикажуваше партиите што се очекуваа од него.

Кога веќе се завршени сите обврски кон Лигата на шампионите, на Металург му преостануваат дуелите во регионалното и националното првенство, а Јовиќ, Червар или можеби некој нов кормилар сигурно ќе се обиде да го поправи курсот на Металург преку македонските ракометари кои настапуваат во Автокоманда. Многу веројатно на пролет ќе гледаме различен Металург.