Стојанче Стоилов пред Барса: Со подобра реализација до реванш за Супер Глоуб

Капитенот на екипата на Вардар, Стојанче Стоилов очекува против Барселона тој и неговите колеги да го кренат уште повеќе нивото на играта. Очекувањата се да биде прикажана далеку подобра игра отколку на претходните средби и сè да биде во корист на актуелните европски шампиони.

„Барселона е една од најдобри екипи во светот. Оваа година ни го нанесоа единственот пораз на Супер Глоуб турнирот, па се надевам дека ќе го смениме впечатокот и ќе ги победиме на домашен терен. Немаме повредени играчи, сите се желни и подготвени за победа. Се надевам со помош на навивачите дека ќе ја оствариме посакуваната цел“, изјави Стоилов.

Со оглед на тоа што на претходните средби се имаше појавено проблем со реализацијата, тој очекува на оваа средба работите да се сменат и во тој дел и Вардар да одигра далеку подобро и во нападот.

„Оваа година немавме проблеми во нападот само против Пик Сегед. Не ги користевме чистите шанси и тоа мораме да го поправиме. Секогаш на нашите натпревари противничкиот голман е најдобриот на терен. Уште минатата година екипите започнаа да не респректираат, а оваа сезона мислам дека добро се носиме со титулата шампиони“, коментираше капитенот на „вардарци“.