Стојанче Стоилов ги повика навивачите: Дојдете на дерби, да му помогнеме на Борче

Екипата на Вардар в сабота ја очекува уште еден меч од СЕХА-лигата, а противник е составот на Металург. Македонското дерби во СЕХА ќе ја има својата втора епизода сезонава, па тоа сигурно ќе предизвика возбудувања на теренот и ќе донесе неизвесност.

„Ова е натпревар од посебен карактер и за нас и за Металург. Ова е градско дерби и очекувам ова да биде интересен натпревар како и сите досега што ги имаме одиграно против Металург. Се надевам дека на крајот ние ќе ја оправдаме улогата на фаворит и дека нема да ја разочараме нашата публика“, рече капитенот Стојанче Стоилов за очекувањата од дуелот против Металург.

Тој после ова ги повика сите вљубеници во ракометот да ја исполнат салата бидејќи в сабота и двете екипи ќе бидат во хумана мисија.

„Имам и еден апел до целата јавност. Овој дуел ќе биде од хуманитарен карактер. Се работи за средношколецот Борче Јовановски, на кој му е потребна итна трансплантација на коскена срж и парите кои ќе бидат собрани од влезниците ќе бидат наменети за таа операција. Ќе има и кутии на влезовите, па се надевам дека ќе има што е можно повеќе навивачи за да можеме да му помогнеме на Борче“, изјави Стоилов.