Стојановиќ: Металург има сили да ја врати шампионската титула во Автокоманда

Лука Стојановиќ, 19-годишен српски интернационалец е едно од странските засилувања за македонскиот вицепрвак Металург ова лето. Иако од Автокоманда се уште нема потврда, неговиот трансфер го објави менаџерската агенција што го застапува, со што се потврди и најавата на 24Ракомет пред еден месец.

Се работи за младински репрезентативец на северниот сосед, кој последната сезона беше дел од чешкиот шампионат и настапуваше за Талент Плзен. Иако имаше договор со чешкиот тим, сепак од Плзен решија да ги исполнат неговите желби и да го пуштат во Скопје. Тој се радува на преселбата во Скопје.

„Причината за моето доаѓање во Металург е желбата за стекнување на нови искуства и можност за поголем напредок во кариерата. Работата со тренерот и со екипата ќе ми помогнат да напредувам во секој поглед. Амбиција ми е со клубот да постигнеме уште подобри резултати и да оствариме добар пласман во СЕХА Лигата и во Лигата на шампионите. Се надевам дека Металург следната сезона ќе ја врати и шампионската титула во Македонија.“ – уверен е Стојановиќ.

Стојановиќ добро го познава Металург и македонскиот ракомет, а слушал само позитивни критики за работата на тренерот Червар.

„Знам многу за Металург, Червар, Скопје и Македонија. Македонскиот ракомет е меѓу најдобрите во Европа и спорт број 1 во Македонија. Среќен сум и чест ми е што ќе бидам дел од најпопуларниот спорт во оваа држава.“ – вели Стојановиќ.

Иако има 19 години, сепак веќе има и интернационално искуство во редовите на чешкиот Плзен, каде за првпат играше надвор од татковината.

„Верувам дека тоа искуство ќе ми помогне во новиот клуб, но сепак тренерот одлучува кој колку ќе игра. Јас сум подготвен за сите предизвици и барања. Секако дека СЕХА Лигата и Лигата на шампионите се голем предизвик. СЕХА е едно од најквалитетните натпреварувања, додека за ЛШ не треба да се трошат многу зборови. Досега не сум имал прилика да играм толку квалитетни мечеви, но искрено едвај чекам. Баш се зажелев за ракомет.“ – ја завршува изјавата Стојановиќ за 24Ракомет.

Лани, на ЕП за кадети беше еден од најдобрите поединци во српскиот состав и постигна 33 голови. Ќе настапува и ова лето на Светскиот шампионат за кадети во Грузија.