Сторхамар им направи проблеми на Полјаците, не го пушта тренерот да биде и селектор

Репрезентацијата на Полска нема да има селектор од Норвешка како што беше зацртано. Арне Сенстад не доби дозвола од својот клуб за да ги извршува двете функции во исто време така што ќе мора да продолжи да работи во клубот. Од страна на Сторхамар, каде Сенстад е тренер беше објавено соопштение во кое се појаснува дека клубот нема намера да му дозволи на тренерот да биде и селектор на репрезентацијата на Полска.

Сенстад од раководството на Сторхамар побарал да ја разгледаат опцијата за комбинирање на тренерски позиции на две места. Раководството на клубот одлучило дека ова е неприфатливо и дека тренерот треба целосно да се посвети на клубот. За оваа одлука е известен и Сенстад, се вели во соопштението.

Федерацијата на Полска веќе го имаше најавено Сенстад како нов селектор, но тој има важечки договор со Сторхамар до 2020 година. Според сегашната ситуација остануваат многу нерешени прашања во врска со неговиот ангажман како селектор на Полска.