Стефан Дрогришки за 24 Ракомет: Мило ми е што се враќам во Пелистер!

Стефан Дрогришки се враќа во старото јато. Откако вчера му беше раскинат договорот со Еурофарм Работник, денеска е официјализирана соработката со матичниот клуб Пелистер, иако преговорите беа завршени пред неколку недели.

Средниот бек доби шанса за настап на Струшкиот турнир во дресот на “фармацевтите”, а потоа српскиот стратег Ѓорѓе Чирковиќ не го ставаше во ростерот ниту меѓу 16-те ракометари и секогаш беше надвор од тимот.

„Мило ми е што се враќам во матичниот клуб. Тука имав многу убави моменти и Пелистер ме потсетува само на убави нешта. Се надевам дека со Пелистер ќе имам успешна сезона и дека ќе ги оствариме зацртаните цели“, коментираше Дрогришки за 24 Ракомет.

Дрогришки од Пелистер своевремено дојде во Металург по барање на Червар, но како одминуваше времето така добиваше помала минутажа и мораше одново во Битола. Еурофарм му плати на Металург 10.000 евра на име оштета, а сега Дрогришки без оштета се пресели во Пелистер.