Старт од соништата за Македонија на ЕП: „Лавовите“ ја „изедоа“ Словенија!

Македонската репрезентација со победа стартуваше на Европското првенство во Хрватска. Во минатите четири настапи, секогаш сме биле поразени во првото коло, но и таа традиција сега е срушена, па Македонија забележа херојска победа над Словенија со 25:24, со што втората фаза ни е на дофат.

300x250

Првиот напад беше за нашиот противник и топката по нивниот удар заврши во рацете на Ристовски. Словенците уште на стартот покажаа дека ќе „тепаат“ во одбрана, а тоа го почувствува Миркуловски, кој изнуди два пенали што Лазаров ги претвори во гол за 2:2.

Хенигман и Млакар искористија две грешки на одбраната и донесоа предност за Словенија 2:4, а потоа ние не искористивме пенал откако останавме со двајца играчи повеќе. Манасков два пати беше непрецизен, но затоа Млакар реализираше и ја однесе Словенија на 2:5.

Беше и 3:6, со голот на Стоилов во 13 минута, прв од игра за нашата селекција. Се доближивме на 5:7, но ниту Манасков, ниту Георгиевски не погодија и Словенија пак стигна до 5:8, а имаше и напад за плус 4. Лазаров стрелаше за 6:8, но немавме решение за десните бекови и Кавтичник даде гол за 6:9.

Во финишот на првиот дел, живна играта на Македонија и ги искористивме сите грешки што ги направија Словенците. Лазаров, Прибак од мртов агол и Талески бувално со удар во последната секунда, донесе реми на полувреме, 11:11.

Вториот дел почна како што посакувавме сите. Манасков на два пати и потоа Миркуловски не само што донесоа прво водство на Македонија, туку и 3 голови предност за 3 минути игра, 14:11. Голманот Митревски имаше голем придонес и одбрани неколку топки во серија плус пенал.

Стигнавме до 15:11, имавме шут на празен гол за плус 5, но не погодивме. По 16:12, Словенија постигна 3 гола во серија, 16:15, но Георгиевски ја прекина црната дупка и погоди за 17:15. Веќе немаше течност во нашите напади и избраниците на Вујовиќ дојдоа и до 17:17 во 45 минута.

Најавата за драматичен финиш беше веќе пуштена. Лазаров погоди за 18:17, а Јанц израмни од пенал. Се играше гол за гол до 20:20, пред Словенија преку Благотиншек да се врати во водство по долго време, 20:21.

Тоа беше причина за Раул да побара тајм-аут, по што Георгиевски веднаш погоди за реми. Беше и 22:22 во 53 минута, па 23:23, пред Јанц да стрела во трк за 23:24. Нашиот капитен даде гол кога беше најпотребно и во 56 минута беше 24:24.

Филип Лазаров искористи едно невнимание во словенечката одбрана и ја врати Македонија во предност, 25:24, а Словенците ни дадоа можност за плус 2 по грешката на Јанц. Не погодивме, но и тие згрешија, па ја држевме топката до самиот крај без да упатиме удар кон голот на Скок.

Најдобар стрелец во македонските редови беше Дејан Манасков со 8 голови, додека капитенот Лазаров даде 7. Голманите Митревски и Ристовски искомбинираа 13 одбрани. Кај Словенците се истакнаа Млакар со 4, Зарабец, Благотиншек, Јанц и Цингесар со по 3.

Во вториот натпревар од групната фаза, на 15 јануари, Македонија ќе игра против Црна Гора, а Словенија ќе се сретне со фаворизираната Германија.