Старт на СП: Сите во потера на Норвешка

Денеска со натпреварот меѓу Германија и Камерун започнува 23 Светско првенство за ракометарки. Шампионатот, на кој ќе играат 24 репрезентации ќе се игра до 17 декември, а домаќини ќе бидат шест градови, Битигхајм, Магдебург, Олденбург, Лајпциг, Трир и Хамбург.

300x250

Натпреварите од групата А ќе се играат во Трир, ривали ќе бидат Франција, Романија, Шпанија, Словенија, Ангола и Парагвај, па се очекува европските селекции без поголеми проблеми да минат во осминафиналната фаза.

Натпреварите од групата Б, ќе се играат во Битигхајм. Таму се светскиот првак Норвешка, Шведска, Чешка, Унгарија, Аргентина и Полска, па и тука очекувањата се дека патници во осминафиналето ќе бидат само 4 европски селекции.

Во групата Ц, во Олденбург, ќе игра Црна Гора со новиот селектор Пер Јохансон, а тука се и силните селекции на Данска и Русија, како и најдобрата неевропска репрезентација Бразил, плус Тунис и Јапонија, кои немаат шанси во вакво друштво.

Во групата Д, чиј домаќин е Лајпциг, се наоѓаат домаќинот Германија, потоа Холандија, Србија со две повратнички во ростерот, како и неевропските селекции, Кина, Камерун и Јужна Кореја, а се чини дека Корејките ќе имаат најголеми шанси од овие три селекции да минат понатаму.

Пласман во осминафиналето, по поет одиграни кола, ќе изборат по четири најдобри селекции од сите четири групи. Бранител на титулата е Норвешка, која во финалниот меч на минатиот Мундијал ја совлада Холандија со 31:23.

На Мундијалот нема да игра Македонија, но ќе има неколку познати лица за македонската јавност, како Александра Лакрабер и Амандин Лејно, кои настапуваат за Франција, потоа Цвијиќ и Лекиќ, повратничките во Србија, како и Јованка Радичевиќ, која исто така има камбек во Црна Гора.

Најголем фаворит за титулата повторно е Норвешка, но тука се секогаш опасните Русија, Франција, Данска, нема да биде изненадување ниту ако Холандија, Црна Гора, Романија или домаќинот Германија стигнат до завршните борби. Мундијалот започнува со натпреварот меѓу Германија и Камерун, кој е на програмата денеска од 19 часот.