Стартува ракометниот ураган: Дури 16 желби, но само една ќе биде златна на 28 јануари

Од денеска до 28 јануари во Хрватска се одржува 13. Европско првенство на кое 16 селекции тргнуваат со желба за освојување на пехарот.

300x250

Меѓу овие 16 земји е и Македонија која одново ќе се обиде да постигне добар резултат. Во група со незгодни противници, Македонија ќе има тешка задача за да дојде до многу бодови, но секој што е на шампионатот има право да се надева на успех.

Хрватска е првата земја која по вторпат добива шанса да организира Европско првенство. Во 2000 година беше домаќин на 3. првенство, а тогаш остана без место во полуфиналето, па затоа сега Червар ги води своите момци кон нов успех и кон поправање на работите. На Хрватите им недостига само европско злато во колекцијата, но шрашање е дали оваа генерација ќе успее да го направи тоа со оглед на силната конкуренција која што ја има на ова првенство.

Во групата А се наоѓаат селекциите на Хрватска, Шведска, Исланд и Србија. Средбите се играат во Сплит, а најдобрите три ќе се преселат во Загреб каде што во втората рунда ќе вкрстат со најдобрите три репрезентации од групата Б која се игра во Пореч. Таму е светскиот првак Франција, како и Белорусија, Австрија и Норвешка.

Групата Ц каде што е Македонија со актуелниот Европски првак Германија, третопласираната од последното СП, Словенија и составот на Црна Гора се игра во Загреб. Најдобрите три од оваа група ќе се преселат во Вараждин каде што ќе ги очекуваат трите најдобри од групата Д. Таму се Шпанија, Данска, Унгарија и Чешка. Практично ова се единствените селекции кои ќе останат во едно место бидејќи тие и во првиот круг ќе играат во Вараждин.

Најтрофејна селекција на ЕП е Шведска која има четири златни медали во исто толку финалиња. Потоа со три злата следува Франција, која има и една бронза. Данска и Германија имаат по две злата додека Русија само еднаш се има радувано на титула.

Најмногу медали имаат освоено Данците и Шпанците кои досега по шестпати се искачувале на пиедесталот.

Само четири селекции ќе бидат 17 дена на ова првенство. Тоа ќе бидат оние што ќе стигнат до полуфиналето. После вториот круг само по најдобрите две репрезентации ќе одат во следната рунда односно во битката за медалите, а финалето е предвидено за 28 јануари.