Ставен крај на проблемите: Целје ги исплати заостанатите плати

Откако во низа од четири години се провлекуваа проблемите со долговите и неисплатените плати од денес официјално е објавено дека екипата на Целје успеа да им стави крај на проблемите и да ги исплати сите заостанати плати на своите вработени, а воедно и да ги реши судските спорови. Успешноста на решавање на проблемите лежи во фактот што поранешните играчи на Целје како и вработените во истоимениот клуб имаа неколкугодишно трпение кое им донесе среќен крај.

Тимот во изминативе четири години и покрај проблемите со кои се соочуваше успеваше да се одржува на високо ниво и да освои голем број на титули, но и да игра важна улога во најелитното европско натпреварување. Со отворениот дијалог кој тимот го спроведе со довчера оштетените поранешни играчи и помошници се стави официјален крај на недоразбирањата и со самото тоа клубот закрепна и во иднина ќе цели кон уште подобри резултати. Задоволството од конечното решавање на проблемите не го крие ни претседателот на клубот, Јернеј Смисл.

„Екстремно сме горди што процесот на закрепнување од проблемите конечно е позади нас. Ова немаше да биде возможно без големиот труд на менаџментот, бордот на директори и на сите останати вработени на кои што сакам да им заблагодарам за ваквата можност. Исто така сакам да им се заблагодарам на сите оние кон кои што имавме долгови бидејќи без нивното разбирање и соработка не би можеле да ја завршиме процедурата успешно“, истакнува претседателот на словенечкиот гигант.

Успешноста во надминувањето на проблемите донесува и нови проекти за амбициозните целјани кои не запираат во намерата да го издигнат тимот на уште повисоко ниво, а воедно и да вложат во иднината со цел клубот да бележи напредок во годините што доаѓаат.