Србија тргна одлично, потоа Французите покажаа зошто се шампиони

После вчерашниот блед почеток на Мундијалот против селекцијата на Бразил, Франција успеа да покаже дека има играчи кои може да го понесат товарот дури и кога Никола Карабатиќ не е на теренот. Сепак, денеска против Србија тој беше на трибините во Берлин и веројатно помогна за поголема мотивација на колегите кои со 32:21 успеаја да стигнат до победа и нови бодови.

Србите го добија стартот од натпреварот. Тргнаа одлично и наметнаа силно темпо. Успеваа да одолеат на нападите на противникот. Французите имаа проблеми да се снајдат, но откако влегоа во потребниот ритам веќе беше јасно дека на оваа средба ќе нема многу шанса за Србите да стигнат до изненадување.

Силниот ритам донесе 15:12 за триколорите, а интересен беше последниот шут во првото полувреме. Иван Мошиќ упати удар над „живиот ѕид“, а топката мина низ рацете на голманот Жерард, кој инаку имаше добар ден. Сепак, и на одличните голмани можат да им се случат вакви киксеви.

Во второто полувреме беше јасно дека Србија нема да може да го следи пеколниот ритам на Франција. Светските шампиони играа одлично во одбрана и казнуваа сè што може да се казни. Таквата игра донесе зголемување на предноста, па во вторите 30 минути Франција имаше 17:9 и со вкупно 32:21 дојде до втората победа во Берлин и полека се доближува до место во Келн.

Жерард денеска бранеше од прват до последната минута и имаше 11 одбрани, додека Фабрегас и Ремили со по пет гола беа најефикасните во редовите на Франција. Кај Србија Веркиќ имаше пет, а Цупара само една интервенција. Со четири гола Мошиќ беше прв стрелец кај поразените. Франција в понеделник од 20:30 часот ќе игра против Кореја каде се очекува нова победа, додека Србија ќе го поправа впечатокот против Бразил.