Србија немаше сили докрај да и парира на Шведска

Репрезентацијата на Шведска успешно се рехабилитираше по почетниот пораз од Исланд, совладувајќи ја Србија со резултат 25-30 (9-15).

300x250

По поразот во првото коло, Швеѓаните тргнаа силовито во првиот дел во кој србите немаа одговор. Освен почетните 2-2, Шведска имаше постојано водство на натпреварот стигнувајќи до највисоки 7-13 во 20.минута. Јеспер Нилсен со својот втор погодок ги постави конечните 10-16 на полувреме.

Српскиот голман Цупара со неколку успешни интервенции ја подигна Србија за момент која успеа да ја преполови предноста на противникот од полувреме 15-18 во 40.минута. Србите делуваа многу подобро на теренот во второто полувреме пред се во дефанзивата, и постепено ја топеа предноста на Шведска. Шансата за комплетно враќање на Србија во натпреварот ја пропушти Ненадиќ кој промаши зицер при резултат 21-23 за Швеѓаните во 50.минута. Во продолжение скандинавците преку Закрисон, Нилсен и Лагергрен повторно за вратија својата највисока предност 23-29 во 59.минута, што значеше крај на надежите Србија за позитивен резултат на овој натпревар. Крајниот резултат гласеше 25-30 за прва победа на Шведска и продолжување на шансите за пласман во втората рунда. Србија го доживеа вториот пораз по кој има големи шанси да го заврши ЕП уште по првата фаза.

Најпрецизен во Шведскиот национален тим беше Лагергрен со 5, а Егберг, Јакобсон и Нилсон 4 пати ја затресоа противничката мрежа. Кај Србија најрасположен за игра беше Немања Илиќ кој постигна 5 гола.

Во следното коло кое е на програмата на 16 јануари Србија ќе игра со Исланд, а Шведска ќе се соочи со домаќинот Хрватска.