Србиновски: Очекувам повеќе од мажите во Полска, а скапо ќе ја продадеме кожата

Селекторот на репрезентацијата на Македонија во ракомет на песок, Сашо Србиновски паралелно ги подготвува двете селекции кои од 2 до 7 јуни ќе учетвуваат на Европското првенство. Тој ги има одбрано најдобрите и во двете конкуренции и веќе работи со нив за враќање на големата сцена и во овој спорт.

„Македонија осум години нема настапувано на шампионати во ракомет на песок. Нашата идеја беше да се обидеме да создадеме една нова генерација.  Не очекува многу работи, а морам да признаам дека кај машката селекција очекуваме повеќе. Кога би направиле анализа доаѓаме до заклуќок дека женскиот ракомет е на пониско ниво во моментов. Затоа и во оваа ситуација во ракомет на песок мора да очекуваме повеќе од машката репрезентација“, вели Србиновски за 24 Ракомет.

Тој во моментов не даде конкретни очекувања во однос на тоа за кое место може Македонија да се бори на првенството.

„Не би зборувал сега за конкретни очекувања, но се надевам дека барем скапо ќе ја продадеме кожата“, рече Србиновски.

Ракометарите и ракометарките почнаа со тренинзи на Кејот на Вардар, а првиот тренинг го одржаа во средата.