СП жени, 2 ден: Словенија со француски скалп, блескава Црна Гора

По премиерниот натпревар меѓу домаќинот Германија и Камерун, се одиграа уште 11 натпревари со кои се комплетира првото коло од Мундијалот. Најголемото изненадување го приреди Словенија, која беше подобра од Франција, а изненадувачки беше резултатот и на дуелот меѓу Јужна Кореја и Холандија. Црна Гора и Норвешка без проблеми ги добија Данска и Унгарија, а Јапонија му откина бод на Бразил.

Српската репрезентација имаше победнички старт на Светското првенство во Германија, откако избраничките на Љубомир Обрадовиќ ја „дуплираа“ Кина и славеа со 43:23. Натпреварот беше решен уште во првиот дел, кога Србинките предводени од поранешната вардарка Сања Дамњановиќ направија добра залиха од 10 голови, 21:11. Вториот дел беше чиста формалност, шанса добија сите ракометарки, но на теренот не се промени ништо во поглед на резултатот и Србија го заврши натпреварот со плус 20, 43:23. Најдобри стрелци беа Дамњановиќ со 8, Крпеж даде исто толку, а вардарката Цвијиќ имаше 4 од 4.

Репрезентацијата на Словенија го направи изненадувањето на денот, откако избраничките на Урош Брегар се погрижија за триумф над олимпискиот вицепрвак Франција со минимални 24:23. Ана Грос беше предводник во нападот со 9 голови, додека голманката Панџиќ имаше 15 одбрани, за разлика од француските меѓу кои и вардарката Амандин Лејно, имаа само 4 заедно. Уште една вардарка во редовите на Франција, Александра Лакрабер, имаше слабо издание и даде само 1 гол од 7 обиди!

Лошо мина и Бразил, светскиот првак од 2013 година. Јужноамериканките неочекувано едвај извлекоа барем бод од пресметката со Јапонија, која заврши 28:28. Полска, која пак со вајлд-карта влезе на овој Мундијал, славеше голема победа во пресметката со Шведска со 33:30 и си ги отвори вратите кон осминафиналето.

Репрезентацијата на Јужна Кореја направи големо изненадување на стартот на Мундијалот во Германија. Иако избраничките на Хеле Томсен важеа за фаворитки, сепак на крајот мораа да им честитаат на Корејките. Тие беа подобри од европскиот вицепрвак со 24:22. Иако играа пред голем број од своите навивачи во Лајпциг, сепак Холанѓанките не се снајдоа најдобро на теренот. Кореја наметна свој ритам уште од стартот на кој противничките не можеа да парираат.

Репрезентацијата на Црна Гора имаше победнички старт на Мундијалот во Германија, откако избраничките на Пер Јохансон се погрижија да прослават убедлив триумф над големиот ривал Данска со 24:31. Најзаслужна за ваквиот развој на настаните беше вардарката Јованка Радичевиќ. Црна Гора го фати редот уште од стартот, поведе со 1:6, а на два пати во првиот дел имаше позитива и од 7 голови, пред да се замине на пауза со 12:17. Во вториот дел Данска се обиде да фати приклучок, но наместо тоа Црна Гора си ја зголеми разликата на плус 10, 20:30 во 48 минута. До крајот, скандинавките само го направија поразот поподнослив за конечни 24:31. Најдобра во Црна Гора беше Радичевиќ со 12 голови, додека поранешната вардарка Итана Грбиќ даде 6 голови. Кај Данска по 5 голови постигнаа Транборг и Григел.

Светскиот првак Норвешка уште по првиот дел ги реши сите дилеми на дуелот со Унгарија, ако воопшто и ги имаше пред неговиот старт. Водеа шампионките со 21:11 и веќе беше јасно која репрезентација ќе има победнички почеток на Мундијалот во Германија. Избраничките на Ким Расмусен се обидоа во вториот дел да направат нешто повеќе, но немаше време, а се што успеаја е тоа да ја намалат негативата на 8 разлика, 30:22. Најдобра кај Норвешка беше Нора Мерк со 7, додека кај Унгарија се истакна Хафра со 4 погодоци.

Романија, Шпанија, Чешка и Русија немаа проблеми со селекциите од другите континенти и забележаа убедливи победи.

ДВОЈКИ, 1. КОЛО

ГРУПА А

РОМАНИЈА – ПАРАГВАЈ 29:17

ФРАНЦИЈА – СЛОВЕНИЈА 24:25

ШПАНИЈА – АНГОЛА 28:24

ГРУПА Б

ЧЕШКА – АРГЕНТИНА 28:22

ШВЕДСКА – ПОЛСКА 30:33

НОРВЕШКА – УНГАРИЈА 30:22

ГРУПА Ц

РУСИЈА – ТУНИС 36:16

БРАЗИЛ – ЈАПОНИЈА  28:28

ДАНСКА – ЦРНА ГОРА  24:31

ГРУПА Д

СРБИЈА – КИНА 43:23

ГЕРМАНИЈА – КАМЕРУН 28:15

ХОЛАНДИЈА – Ј. КОРЕЈА 22:24