Спортинг без шанси во Шведска, Савехоф со три од три во ЛШ

Шампионот на Шведска, Савехоф ја оствари третата победа во 3. коло во Лигата на шампионите против Спортинг кого на домашен терен го совлада со 29:24.

Во групата во која се натпреварува Еурофарм Работник, шведскиот претставник има перфектен старт на натпреварувањето. Во дуелот меѓу екипите кои го совладаа тимот од Битола во првите две кола, Савехоф забележа победа полесно од очекуваното.

Домашниот состав имаше предност во текот на целиот меч, а во поголемиот дел од четири до пет гола. На полувреме беше 13:10. Спортинг во вториот дел само еднаш успеа да намали на минус еден, но потоа повторно домашните го вратија сигурното водство и рутински го приведоа до крај натпреварот.

За тимот на Савехоф, Едвардсон погоди шестпати и беше најефикасен, а по пет гола постигнаа Карлсон и Салихи. Во составот на Спортинг по четири гола постигнаа Араухо и Франкис.